Каде и на кој начин треба да се истакнат цените на производите во продажните објекти?
ОДГОВОР:
Tрговецот мора на јасен, видлив, читлив и недвосмислен начин да ја истакне продажната цена на производите и услугите, односно на продажното место на кое се изложени производите, на производите во рефусна состојба, на услугите кои ги дава и на резервните делови кои ги продава.
Според член 8 од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на РМ“38/04, 77/07, 103/08, 24/11, 164/13, 97/15 и 152/15), продажна цена е крајната цена на единица на некој производ или услуга или пак на дадената количина на производот, вклучувајќи го тука и данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки.
Цената на производот, односно услугата, мора да биде означена во денари.
Цена за единица мерка е цена за еден килограм, еден литар, еден метар, еден квадратен метар или еден кубен метар производ, или за некоја друга единица за количина која општо или вообичаено се користи при продажбата на производите.
Кај производите во рефусна состојба се истакнува само цената за единица мерка на продажното место на производот.
Цената за единица мерка не е потребно да се истакне кај претходно спакуваниот производ ако е еднаква со продажната цена на производот, како и за производите кај кои такви податоци со оглед на својствата на производите можат или би можеле да предизвикаат забуна.
Ако со друг пропис е определено истакнување на податоци за нето тежина за претходно спакувани производи, ќе се истакне цената за нето единица мерка.
Продажната цена мора да биде напишана на производот, односно амбалажата, на продажното место на производите, како и на производот во излогот. На производот, освен наведената цена, не смее да се истакнува друга цена. Цената за единица мерка за претходно спакуваниот производ се истакнува на продажното место на производот.
Трговецот мора да се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба.
Овие одредби не се применуваат за јавна и аукциска продажба, продажба на уметнички дела и антиквитети, како и на производите кои се набавени при нудење на некоја услуга