Предлог измени и дополнувања на Законот за данок на личен доход во собраниска процедура

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА ЛИЧЕН ДОХОД ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА

Предлог Закон за измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход – по скратена постапка – доставен во Собрание.

Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход е да се регулира мирувањето на примената на прогресивниот данок на личен доход за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи за период од 36 месеци. Во мирување ќе биде ставена и примената на стапката од 15% на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, осигурување и друг доход, односно истите во следните три години ќе се оданочуваат со 10%. Во овој период стапката од 15% ќе остане да се применува само при оданочувањето на доходот од игри на среќа. Исто така, со предложеното законско решение ќе се одложи почетокот на оданочувањето на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели во инвестициски фондови, како и каматите од орочени депозити, до 1 јануари 2023 година.

Предлог законот ги содржи следниве решенија:

            – мирување на примената на прогресивнивните стапки на оданочување на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2022 година;

– мирување на примената на стапката од 15% за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, осигурување и друг доход;

– измена на одредбите поврзани со капиталните добивки ( вклучување на продажбата на уделите во инвестициски фондови во опфатот на доходот од капитални добивки; пропишување на различни стапки за оданочување на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели во инвестициски фондови во зависност од периодот на нивно поседување од страна на имателот (15% доколку имателот ги поседувал до една година, 10% доколку ги поседувал за период од една до 10 години), ослободување од плаќање на данок на остварената капитална добивка од продажба на хартии од вредност и удели во инвестициски фондови кои имателот ги поседувал за период подолг од 10 години, како и за капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност стекнати од иницијална јавна понуда; промена на начинот на оданочување на данокот на доход од капитална добивка, односно нивно оданочување по одбивка наместо самооданочување од страна на обврзникот),

– одложување на оданочувањето на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели во инвестициски фондови (од 1 јануари 2020 година на 1 јануари 2023 година);

– измена на предметот на оданочување на доходот од капитал по основ на камати (пропишување на ослободување на каматите од депозити по видување и на трансакциски сметки, а оданочување на каматите од орочени депозити)

-одложување на оданочувањето на каматите од орочени депозити (од 1 јануари 2020 година на 1 јануари 2023 година);

– доуредување на одредбите од членот 12 од Законот во делот на надоместоците на кои не се плаќа данок на доход;

– усогласување на прекршочните одредби со новиот Закон за прекршоци.

Целиот текст на предлог Законот може да го преземете на следниот линк: