Измени на Законот за данок на добивка и Законот за платен промет

ПРЕДЛОГ ЗАКОНИ ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА ДОБИВКА И ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТЕН ПРОМЕТ  ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА

 

До собранието на РМ, доставен е Предлог закон за измена и дополнување на Законот за данок на добивка,  Предлог закон за измена и дополнување на Законот за платен промет.

1- Предлог измени на Законот за данок на добивка

Со предлог измените на Законот за данок на добивка се  врши појаснување и допрецизирање на одредбите од Законот кои се однесуваат на непризнаените расходи, правото на даночен кредит за одредени зголемувања на даночната основа, непрофитните организации, обврската за доставување на извештај за трансферни цени и други прашања во насока на подобро спроведување на одредите во пракса.

Предлог законот ги содржи следниве измени и дополнувања:

  1. се уредуваат оддлените видови на непрофитни организации кои нема да бидат обврзници за данокот на добивка. На овој начин, како што и досега беше предвидено за организациите регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, така и организациите наведени во изменетиот став (1) од членот 4-а, доколку во нивното непрофитно делување остварат приходи од вршење стопанска дејност поголеми од 1.000.000 денари, истите ќе станат обврзници за плаќање данокот на вкупен приход.  Тие ќе имаат обврска да платат данок во висина од 1% од износот на остварените вкупни приходи од вршење стопанска дејност во календарската година, на износот кој надминува 1.000.000 денари.

  2. се вршат измени и дополнувања на членот 9 од Законот кој ги дефинира непризнаените расходи за даночни цели. Имено од истиот се брише терминот „исплатени“ поради усогласување со меѓународните сметководствени стандарди и начинот на водење на сметководство како и усогласување со членот 7 од Законот, односно за да одреден расход се смета како расход истиот треба да биде реализиран. Со членот 2 се врши и допрецизирање на одредбата од точката 3-а) од овој чен така што се пропишува дека како непризнаени расходи ќе се сметаат надоместоците на трошоците за хотелско сместување во износ над 6.000 денари дневно по лице и надоместоците на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот, доколку истите не се документирани. Исто така се предлага да се додадат  две нови точки во истиот член со цел третман на непризнаен расход да има надоместокот за практикантска работа над износите пропишани согласно Законот за практиканство и надоместокот за практична обука на ученици и практична настава на студенти во износ над 8.000 денари месечно.

  3. се предлага да се продолжи рокот за поднесување на извештајот за трансферни цени, односно наместо даночните обврзници да имаат обврска истиот да го поднесат заедно со даночниот биланс до 28 февруари/15 март во годината, тоа да го сторат до 30 септември.

  4. Се предлага членовите 12 и 12-а од Законот да не се однесуваат на трансакциите помеѓу поврзани лица резиденти на Република Северна Македонија, како и на обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ до 300.000.000 денари односно истите да немаат обврска до Управата за јавни приходи да доставуваат извештаи  за трансферни цени.

  5. се уредува правото на даночен кредит, односно правото на намалување на даночната основа за износот на трошоците за амортизација кои во претходни периоди претставувале непризнат расход согласно примената на амортизационите стапки утврдени со номенклатурата на средствата за амортизација, како и за неисплатените надоместоци над износите утврдени во член 9 од Законот за кои во претходниот даночен период е извршено зголемување на даночната основа, доколку истите се искажани како приход.

  6. се уредува дека користењето на правото за намалување на пресметаниот данок на добивка согласно одредбите на овој член, го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности за дадени донации во спортот.

  7. се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот на прекршоците од аспект на утврдување на рамка на  износ на висината на глобите кои се изрекуваат на физички, правни лица и одговорни лица во правните лица за прекршоците утврдени со овој закон.

  8. се пропишува обврска за пресметување и плаќање на данок на добивка од страна на даночните обврзници кои имаат искажано ревалоризациони резерви (ревалоризациони вишоци) за материјални и нематеријални средства, намалени за пресметаната амортизација на ревалоризираната вредност на средствата за период од 1 јануари 2019 година до денот кога средството е повлечено од употреба или оттуѓено, при преносот на истите во акумулирана добивка.

Прелог Законот може да го симните на следниот линк:

 

2. Измени на Законот за платен промет

Со предлог Законот за измена и дополнување на Законот за платен промет се вршат следните измени:

  1. пропишаните глоби се намалуваат во висина на глобите уредени со Законот за прекршоците („Службен весник на РСМ“ бр. 96/19), при што за прекршоците сторени од страна на правните лица се уредуваат глоби во распон во зависност од големината на правниот субјект.
  2. се продолжува рокот до кој учесниците во платниот промет кои имаат блокирани трансакциски сметки ќе можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните побарувања и обврски. Со предложената одредба правните субјекти кои имаат блокирани сметки  меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг ќе можат да го вршат до 31.12.2021 година.

Прелог Законот може да го симните на следниот линк:

Во врска со Измените на законот за данок на добивка, кога истите ќе се усвојат и стапат во сила ќе подготвиме Информативен напис со подетални информации и објаснувања.