УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ОБЈАВЕНА ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК
Во службен весник на РСМ бр. 85 од 1.04.2020 година е објавена Уредба со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба.
Според уредбата, Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/16, 142/16 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/20) нема да се применува во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:
- – во предметите за побарувања врз основа на законска издршка;
- – распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови,
- – дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба,
- – примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување,
- – изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите,
- – изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и
- – изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност.
Работодавaчите на должниците, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот определен со член 1 од оваа уредба со законска сила.
По поднесените приговори за незаконитости при извршувањето согласно член 86 од Законот за извршување, основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат решенија, а Апелационите судови да одлучат по поднесените жалби против решението на судот по приговор согласно член 87 од Законот за извршување, заради создавање услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 01.04.2020 година.