Користење на годишен одмор за 2019 и 2020 време на вонредна состојба

КОРИСТЕЊЕ НА ГОДИШНИОТ ОДМОР ЗА 2019 И 2020 ГОДИНА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Владата на Република Северна Македонија, донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работни односи за време на вонредна состојба. Уредбата беше објавена во Службен Весник на РМ бр. 90/2020 од 04.04.2020 година, со што практично стапи и во сила.

Според член 3 од Уредбата:

За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19, делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.



Со уредбата воедно се пропишува и следното:
Роковите во кои согласно Законот за работните односи, во случај на мирување на правата и обврските од договорот за вработување и мирување на работен однос на работник упатен на работа во странство и на брачниот другар, работникот има право да се врати на работа, престануваат да течат за време на траење на вонредната состојба и се продолжуваат за 15 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.


Според член 4 од Уредбата:


Отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19.

 

Оваа уредба со законска сила влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ односно на 04.04.2020 година.

Сите уредби од интерес на сметководителите може да ги најдете во делот е-прописи во нашата база.