Претставен петтиот пакет владини мерки за поддршка на економијата

Претставен петтиот пакет владини мерки за поддршка на економијата
Блог написи

ПРЕТСТАВЕН ПЕТТИОТ СЕТ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ НА ВЛАДАТА 

На Владина седница е донесен Петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за реалниот сектор, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството.

Кај повеќето мерки, поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година со цел да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година.

Петтиот сет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се директни буџетски трошења.

Мерките се распределени во 4 главни столбови: 

  1. Директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани.
  2. Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници.
  3. Креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на пара-фискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки
  4. Поддршка за граѓаните

1. Финансиска поддршка на плати за вработените

Првата мерка е финансиска поддршка на плати за вработените во висина од 1 милијарда и 920 милиони денари за месеците февруари и март 2021 година, со опфат од околу 60.000 работници месечно.

Финансиската поддршка ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година, споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 – значи три исти месеци се споредуваат со три исти месеци пред една година.

2. Кредити со 0% камати

Мерката број еден е опционaлна и компаниите имаат избор да ја користат или неа, или мерката 2 – кредити со 0% камати за компаниите од дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани, приватните здравствени установи и слично, преку Развојната банка на Северна Македонија. Оваа мерка е во висина од 615 милиони денари и за неа може да се аплицира во текот на 2021 година.

Оваа мерка се однесува и на Самостојните вршители на дејност и на приватните здравствени установи. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и зголемената добивка ќе имаат можност компаниите да добијат скалесто неповратен дел од кредит од 30% до 50% од самиот кредит.

3. Финансиска поддршка за 120 радиодифузери

Како трета, ја предвидовме и конкретната мерка за финансиска поддршка за 120 радиодифузери во висина од 50 милиони денари за 2021 година. Со оваа мерка 120 радиодифузери, односно радија и телевизии кои имаат активни концесии за емитување на радио и телевизиска програма ќе бидат ослободени од годишната давачка за концесијата.

4. Ослободувањето од надоместокот за мултиплекс фреквенција

Под број 4 е ослободувањето од надоместокот за мултиплекс фреквенција за цела 2021 година. Оваа мерка ги опфаќа радиодифузерите во земјата на кои ќе им се покријат трошоците за 2021 година за дигиталниот терестријален мултиплекс и дозвола за емитување. Оваа одлука е согласно Законот за електронски комуникации, а има за цел ублажување на економските последици врз медиумскиот радиодифузен сектор предизвикани од коронавирусот.

5. Финансиска поддршка за регистрираните занаетчии за 2021 година

Под број 5 е мерката за финансиска поддршка за регистрираните занаетчии за 2021 година. На занаетчиите ќе им се овозможи решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок да им бидат намалени за 50% во 2021 година споредбено со решенијата од 2020 година.

6. Финансиската поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување на плаќање на данок на личен доход

Шеста мерка е финансиската поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување на плаќање на данок на личен доход до 30 јуни 2021 година. Вредноста за оваа мерка е 15 милиони денари, а целна група се самостојните вршители на дејност кои согласно Законот за данок на личен доход беа ослободени од плаќање на аконтации до 31 март 2021.

7. Финансиска поддршка за меѓународните транспортери

Следната мерка, број 7, е за транспортните компании, финансиска поддршка за меѓународните транспортери. Станува збор за поддршка на компании чиј вкупен број вработени е околу илјада и кои се запишани во регистарот на превозници кој се води во Министерството за транспорт и врски, а кои вршат меѓународен линиски или слободен превоз на патници.

8. Финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50% споредено со 2019 година

Осма на листата мерки е финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50% споредено со 2019 година. Ќе се реализира скалесто во зависност од падот на приходите од 50% па нагоре, и е предвидена за регистрирани компании кои вршат транспорт на патници. Износот за реализација на оваа мерка е 40 милиони денари за околу 200 корисници.

9. Кредитна гарантна шема

Деветта е мерката Кредитна гарантна шема во вредност од 307,5 милиони денари. Со оваа мерка ќе биде креирана нова гарантна кредитна линија во износ од 5 милиони евра, дистрибуирана преку Развојната банка на Северна Македонија. Се очекува државата да биде гарант за кредити кои компаниите ќе ги земат од комерцијалните банки во износ од околу 30 милиони евра.

10. Продолжуваме грејс периодот за плаќање на обврските за корисниците на кредитите од кредитната линија „Ковид 2

Како 10-та е мерката со која го продолжуваме грејс периодот за плаќање на обврските за корисниците на кредитите од кредитната линија „Ковид 2“ кај Развојната банка до крајот на 2021 година.

11. поддршка за индустријата и операторите за организација на настани

Мерка 11 e поддршка за индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес во висина од 61 милион денари.

Оваа мерка е наменета за правните субјекти кои организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што меѓу другото ќе се ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, музичари и други професии од оваа ивент индустријата кои се директно погодени од пандемијата.

Програмата ќе ја реализира Генералниот секретаријат на Владата при што апликантите, односно операторите кои организираат јавни настани ќе треба да се придржуваат до следните критериуми: прво, настани на зададена тема од исклучителен јавен и државен интерес, второ обезбедување видливост на настанот пред широка домашна јавност преку партнерства со националните и останатите телевизии и преку другите видови медиуми и трето – вклучување изведувачи, едукатори, културни оператори, уметници, музичари и други во продукцијата на содржини во рамки на настаните од јавен интерес.

12. Финансиска поддршка на хотели кои функционираат надвор од туристичките центри

Дванаесетта е мерката за секторот туризам. Станува збор за финансиска поддршка на хотели кои функционираат надвор од туристичките центри. Износот е 64,6 милиони денари за 2021 година. Поддршката ќе се пресметува по регистрирани легла кај хотелите и согласно методологијата за категоризација која ќе биде дефинирана од Министерството за економија.

13. Финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании

Следната мерка, мерка 13, е за извозните компании – тоа е финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании во висина од 615 милиони денари, кој ќе се воспостави преку Развојната банка на Северна Македонија. Се работи за евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.

14. 33% од сумата што Спортските клубови ја добиваат според ваучерскиот систем да се исплати од буџетот на почетокот на годината

Како 14-та е мерката за спортските клубови. Предвидено е 33% од сумата што спортските клубови ја добиваат според ваучерскиот систем да се исплати од буџетот на почетокот на годината. Оваа мерка е во износ од 184, 5 милиони денари. За 2020 година, преку овој систем за даночни ослободувања кои одат во спортските клубови искористени се околу 9,2 милиони евра, според евиденцијата на Агенцијата за млади и спорт.

(15) Укинување на царински стапки за 71 суровина

Мерката 15 беше прва објавена во рамки на петтиот пакет економски мерки. Се работи за укинување на царински стапки за 71 суровина до крајот на 2021 година. Станува збор за автономна мерка за извозно ориентираните компании со фискални импликации од ослободувањето во висина од 436,6 милиони денари.

16. Укинување или намалување на царински стапки за 31 суровина и за месо

Под бројот 16 е мерката која е веќе донесена и е наменета за извозните компании со важност до крајот на 2021 година. Се работи за укинување или намалување на царински стапки за 31 суровина и за месо. Фискалните импликации од оваа мерка се 228,2 милиони денари.

17. Усогласување со правилата и царинскиот третман на производите и услугите на пазарот во Северна Македонија со единствениот пазар на Европската Унија и пазарите на земјите членки на Светската трговска организација

И мерката 17 е за извозните компании, а целта е усогласување со правилата и царинскиот третман на производите и услугите на пазарот во Северна Македонија со единствениот пазар на Европската Унија и пазарите на земјите членки на Светската трговска организација. Проценетите фискални импликации се околу615 милиони денари.

18. Олеснување на условите за поддршка на инвестиции поред Законот за финансиска поддршка на инвестиции

Со мерка 18 ги олеснуваме условите за 245 компании кои имаат активни договори, како и за потенцијално новите компании, кои ќе инвестираат според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

19. Финансиска поддршка преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст

19-та е мерката за микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи. Финансиска поддршка преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст во период на ковид – преку Фондот за иновации и технолошки развој во висина од 369 милиони денари. Целта е да обезбедиме финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатијата и на приватни здравствени установи за забрзан економски раст.

20. Пренамена на средства од блок дотации кои општините ги имаат заштедено или неискористено во текот на 2020 и 2021 за капитални инвестиции

Како 20-та мерка предвидовме пренамена на средства од блок дотации кои општините ги имаат заштедено или неискористено во текот на 2020 и 2021 за капитални инвестиции.

21. Мерка за тутунарите

И тутунарите се опфатени во овој пакет мерки со финансиска поддршка со мерката број 21. Министерот за земјоделство, заменикот и нивните тимови најдоа начин да помогнат на тутунарите. Оваа мерка е за да ги спречиме последиците од ограничување во превозот и трговијата, како и од падот на потрошувачката на тутунски преработки на светско ниво. Вредноста за оваа мерка е 307,5 милиони денари за 2021 година. Министерот Арјанит Хоџа ќе ги соопшти деталите пред тутунарите.

22.  Бришењето камати на граѓаните кон Јавни институции и претпријатија

Со мерката 22, како што најавивме, го вклучивме бришењето камати на граѓаните кон Јавни институции и претпријатија. Со оваа мерка со законски измени ќе се нареди на Јавните комунални претпријатија, Јавните претпријатија и Управата за јавни приходи, како и на општините и на сите други институции од јавните дејности да ги простат и избришат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100%. Тоа се однесува за сите физички лица во нашата земја.

Главнината која ја должат повеќе од три месеци по основ на испорачани комунални и други јавни услуги, даноци и данок на имот, ќе може да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци. Реализацијата на мерката за репрограмирање ќе се направи преку објава на Јавен повик во траење од 5 месеци во рамки на кои граѓаните ќе побараат репрограмирање на долговите.

Мерката не се однесува на долгови кон ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, како и на правните лица кои се корисници на ваквите услуги или даночни обврзници. Но сакам да ја искористам приликата отворено и јавно да ги замолам и приватните компании да се вклучат во оваа мерка, затоа што се свесни дека голем број на граѓани тешко ги плаќаат заостанатите долгови. Не сакам да ги обесхрабрам граѓаните кои редовни плаќаат, сепак ова е чин на солидарност, главниот долг останува за се плати, ќе бидат избришани каматите. Сите треба да ги плаќаме јавните давачки, а за најсиромашните државата излегува пресрет со бришење на каматите.

23. Финансиска поддршка за здравствени работници кои не беа опфатени со третиот пакет мерки

Со мерката под број 23 финансиски ќе се поддржат здравствени работници кои не беа опфатени со третиот пакет мерки. Станува збор за мал број на корисници, а предвиден е износ од 570.000 денари.
Средствата се наменети за здравствените работници од болниците во Струмица и Гостивар.

24. Се продолжуваат лиценците и дозволите за една година на субјектите како што се: ноќни клубови, кабареа, ловишта, аеродроми и слично

Со мерката 24 се продолжуваат лиценците и дозволите за една година на субјектите како што се: ноќни клубови, кабареа, ловишта, аеродроми и слично. Мерката ќе се спроведе со јавен повик од сите засегнати институции и ќе се овозможи продолжување на правото на користење без надомест. Исклучок од оваа мерка се: концесионери на рудници, ископ на песок и чакал, казина, автомат-клубови и обложувалници.

25. Ослободување од плаќање пенали за компаниите кои имаат потпишано договори со Единиците на локалната самоуправа

И следната мерка, 25-та, e ослободување од договорни обврски, поточно ослободување од плаќање пенали за компаниите кои имаат потпишано договори со Единиците на локалната самоуправа, а во истите е предвидена клаузула за плаќање пенали за проблеми при реализација. Дадена е можност со одлука на совет на општина примената на истата одредба да се одложи на минимум 1 година од сега.

26. Финансиска поддршка за преработувачите и извозниците на грозје

Следната, 26-та мерка, е финансиска поддршка за преработувачите и извозниците на грозје кои не успеале да аплицираат на повикот од четвртиот пакет мерки во износ од 40 милиони денари.

27. Финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање на „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“.

Со мерката 27 се овозможува финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање на „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а наменета е пред се за микро и малите компании кои имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност. Регионалната ромска програма РЕДИ има определено износ од околу 1 милион евра за Северна Македонија, за што упатуваме огромна благодарност, а нашето финансиско учество во овој фонд се очекува да биде на слично ниво.

28. Зголемувањето на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на Регресот за годишен одмор од постоечките 40% на 80%

Мерка 28 е зголемувањето на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на Регресот за годишен одмор од постоечките 40% на 80%. Со мерката се опфатени компаниите кои имаат обврска да исплаќаат регрес на своите вработени.

29. Поддршката за дигитална трансформација на бизнисите 

И како последна 29-та мерка, но исто така од голема важност, е поддршката за дигитална трансформација на бизнисите кои имаат ниско ниво на дигитализација со цел побрза пост-ковид ревитализација. Оваа мерка вклучува низа поволности наменети за малите и микро претпријатија во вкупен износ од 25 милиони денари за 2021 година. Министерството за информатичко општество и администрација ќе ја спроведува оваа мерка.