Владата објави седум јавни повици за финансиска поддршка на угостителскиот и туристичкиот сектор како дел од Шестиот пакет економски мерки
Владата објави седум јавни повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор, како дел од Шестиот пакет економски мерки на Владата за поддршка на најпогодените сектори од КОВИД кризата.
Јавните повици се однесуваат на туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, компаниите организатори на настани, игротеките, приватните детски одморалишта, кабареата, ноќните клубови, диско клубовите и рестораните за свадби.
Со првите два повици кои сега се објавени се опфаќаат естрадни уметници и туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход понизок од 15.000 денари, а финансиската поддршка ќе биде во нето износ од 30.750 денари по лице. За јавните повици за: финансиска поддршка за компании – оператори од индустријата за организација на настани, агенции кои организираат настани и други, за регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, за регистрирани и категоризирани ресторани за свадби и за лиценцирани туристички агенции, основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година, а висината на поддршката се пресметува како износ од 30% од просечниот месечен приход. Дополнително секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 31.12.2020 година.
Кај туристичките агенции износот на средства кој ќе биде доделен ќе биде во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на лиценцата а ќе изнесува од 60.000,00 до 300.000 денари за правен субјект.
За сите мерки освен за водичи и естрадни уметници секој правен субјект кој ќе аплицира и на кој ќе му бидат одобрени средства, доколку на 31 декември има намален број на вработени споредено со почетокот на годината тогаш има обврска да врати 50% од примената финансиска поддршка, доколку во истиот период го задржал истиот број на вработени ќе има обврска да врати 20% од вкупниот износ на финансиска поддршка и ако во истиот период има зголемен број на вработени тогаш ќе нема обврски за враќање средства во Буџетот на Република Северна Македонија.
Повиците може да ги видите на следните линкови:
- Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за регистрирани и категоризирани ресторани за свадби
- Јавен повик за доделување финансиска поддршка на естрадни уметници
- Јавен повик за финансиска поддршка на лиценцирани туристички агенции
- Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор
- Jавен повик за доделување на финансиска поддршка за регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта
- Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за компании – оператори од индустријата за организација на настани, агенции кои организираат настани и други
- Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за туристички водичи