Објавен нов Правилник за спроведување на Законот за ДДВ

Објавен нов Правилник за спроведување на Законот за ДДВ
Блог написи

Нов Правилник за спроведување на Законот за данокот на додадена вредност

Во “Службен весник на РСМ” бр. 18/2024 од 25.01.2024 година се објави новиот Правилник за спроведување на Законот ДДВ а истиот влегува во сила од 26.01.2024 година.

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за спроведување на Законот за данок на додадена вредност (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/99, 17/00, 28/00, 66/00, 29/03, 90/05, 106/06, 142/15, 42/16 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 111/19 и 143/22).

Со новиот правилник се пропишува:

  • начинот на утврдувањето на местото на промет на услугите,
  • начинот на докажување на даночното ослободување, случаите и условите за откажување од обврската на издавање фактура за прометот извршен спрема други даночни обврзници или на поединечни податоци во истата,
  • начинот на поделба на претходните даноци, начинот на исправка на одбивката на претходниот данок,
  • начинот на исполнување на евиденциските обврски за тур-оператори,
  • случаите и околностите под кои може да се одложи плаќањето на данокот на додадена вредност при увозот и истовремено да се одбие истиот како претходен данок во истиот даночен период во кој настанал,
  • посебната постапка за исплата на претходниот данок кој може да се одбие на даночните обврзници кои немаат седиште или подружница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа или кои не должат данок за прометот,
  • постапката за исплата и условите за докажување на правото за исплата на вратениот данок на додадена вредност на непрофитните организации,
  • постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон странски дипломатски или конзуларни претставништва и нивните членови,
  • постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон меѓународни организации и нивните членови,
  • начинот на исполнување на евиденциските обврски и случаите во кои може да се одобрат олеснувања во поглед на исполнувањето на овие обврски и
  • случаите и условите за олеснувања во однос на издавањето фактура.

 

НАПОМЕНА: Важна новина предвидена со новиот Правилник, а поврзани со новата содржина на член 14 од Законот за ДДВ (ЗДДВ) кој се применува од 01.01.2024, за цели на утврдување на местото на промет на услуги, даночниот обврзник вршител на прометот на услуги треба да обезбеди еден од следниве документи за примателот на услугата:

  • потврда издадена од надлежен даночен орган во која е содржан даночен број и со која се докажува дека примателот на услугата е даночен обврзник согласно член 9 од Законот за ДДВ, односно е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност, или
  • ДДВ број или сличен регистрациски број кој е доделен од страна на надлежен орган во државата во која се наоѓа примателот на услугата и кој се користи со цел да се идентификува дека примателот на услугата врши стопанска дејност/деловен потфат, или на друг начин да се утврди дека примателот на услугата е даночен обврзник или лице што се смета за даночен обврзник
    согласно член 14 став (1) од Законот.

 

Останати новини кои се предвидени со новиот Правилник за ДДВ се:

  • Начинот на утврдување на местото на промет на услугите при изнајмување на превозни  средства,
  • Објаснување на терминот телекомуникациски услуги,
  • Начин на утврдување на местото на промет на телекомуникациските услуги,
  • Начин на издавање на фактурите од страна на даночните застапници.

Правилникот може да го симните на следниот линк:

>>>Правилник за спроведување на Законот за ДДВ 25.01.2024 година<<<