Финансиска поддршка од 6.000 денари за одредени категории на граѓани

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ СО НИЗОК ДОХОД, КОРИСНИЦИ НА ПЕНЗИЈА, КОРИСНИЦИ НА ПРАВО НА СОЦИЈАЛНА СИГУРНОСТ НА СТАРИ ЛИЦА, МЛАДИ ЛИЦА, САМОХРАНИ РОДИТЕЛИ, ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА, УМЕТНИЦИИ ДРУГИ ЛИЦА КОИ ВРШАТ ДЕЈНОСТ ВО КУЛТУРАТА, ФИЛМСКИ РАБОТНИЦИ И ЕСТРАДНИ УМЕТНИЦИ

 

Во рамките на Четвртиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на COVID-19 донесен од страна на Владата на Република Северна Македонија во септември 2020 година, усвоена е мерка за издавање на домашна платежна картичка која ќе може да се користи од страна на таргетираните групи на граѓани за плаќање на домашни производи и услуги.

Поради потребата од брза реализација на мерката и заштеда на време потребно за печатење на платежни картички, мерката ќе се реализира преку исплаќање на средства на постоечка трансакциска сметка на граѓаните кои веќе поседуваат сметка во банка и дебитна картичка за користење на средствата од истата. За граѓаните кои немаат трансакциска сметка во банка, средствата ќе бидат исплатени на трансакциска сметка која ќе треба да ја отворат кај една од банките која склучила договор со Владата, при што во овој случај банките ќе треба да издадат дебитна картичка од причина што примената финансиска поддршка може да се користи исклучиво со употреба на дебитна платежна картичка.

 

За кого е наменета оваа финансиска поддршка?

Финансиската поддршка е наменета за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници наменета за купување на македонски производи и услуги.

„Граѓани со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се евидентирани како други лица кои бараат работа (пасивен барател на работа) во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани-корисници на финансиска поддршка“).

„Корисници на пензија“ се државјани на Република Северна Македонија, евидентирани во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување  на Република Северна Македонија, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход по основ на пензија не поголем од 120.000 денари, односно месечен износ на доход по основ на пензија не поголем од 15.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „пензионери-корисници на финансика поддршка“).

„Корисници на право на социјална сигурност на стари лица“ се лица со навршена 65 годишна возраст, кои согласно Законот за социјална сигурност на старите лица („Службен весник  на Република Северна Македонија“ бр. 104/19) користат право на социјална сигурност и се евидентирани во центрите за социјална работа.

„Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 27.9.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основани од Република Северна Македонија), а не биле опфатени, односно биле испуштени во претходниот пакет на економски мерки, согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица-корисници на финансиска поддршка“).

„Самохран родител“ е родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности евидентирани во Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „самохрани родители-корисници на финансиска поддршка“). Самохран родител кој не користи парични права од социјална заштита и заштита на деца, како и услуга од социјална заштита, поднесува барање со потребна документација (извод од матична книга на родени, извод од матична книга на умрени, потврда за исчезнат родител и потврда за привремена спреченост поради лекување, издржување на казна затвор и сл.) во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон до надлежниот центар за социјална работа, кој по утврдување на статусот на самохран родител изготвува листа на самохрани родители.

„Дeте без родители и родителска грижа“ е дете чии родители не се живи, кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права или должности ставени под старателство од надлежен центар за социјална работа (во натамошниот текст: „деца-корисници на финансиска поддршка“) .

„Уметници и други лица кои вршат дејност во културата“ се државјани на Република Северна Македонија кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор, заклучно со 27.09.2020 година, се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата и кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „уметници-корисници на финансиска поддршка“).

„Филмски работници“ се државјани на Република Северна Македонија кои учествуваат во производство на филм и кои последните пет години работеле на минимум три филма поддржани од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, евидентирани во Министерството за култура, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „филмски работници-корисници на финансиска поддршка“).

„Естрадни уметници“ се лица кои учествуваат во создавање и интерпретација на изворна или современа и новокомпонирана музика и се членови на Здружението на естрадни уметници на Македонија, евидентирани во Министерството за култура, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „естрадни уметници-корисници на финансиска поддршка“).

Што се подразира под Македонски производи и Македонски услуги во смисла на користење на финансиската поддршка?

„Македонски производи“ се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун.

 „Македонски услуги“ се услуги направени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија.

 

Каде се објавени корисниците на финансиската поддршка кои ги исполниле условите?

Конечната листа на корисници на финансиска поддршка со податок за име и презиме на корисникот и банката во која ја поседува трансакциската сметка, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ја објавува на www.kupuvamdomasno.gov.mk,  во рок од осум дена од денот на влегување во сила на законот, а за самохраните родители на кои статусот го утврдува центарот за социјална работа, во рок од дваесет дена од денот на влегување во сила на овој закон. Корисник на финансиска поддршка има право да ја одбие финансиската поддршка во рок од два дена од денот на објавувањето на Конечната листа од овој став. Одбивањето на финансиската поддршка се врши преку интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk, во спротивно се смета дека финансиската поддршка уредена со овој закон се прифаќа.

Физичкото лице, кое ги исполнува условите, а не добило финансиска поддршка може да поднесе приговор, во рок од три дена од денот на објавување на листата, на интернет страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk,  со наведување на ЕМБГ, име и презиме, адреса на живеење, општина, е-маил и категоријата на лица-корисници на финансиска поддршка за која ги исполнува условите.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија приговорите, по истекот на рокот за нивно поднесување, ќе ги достави до институцијата согласно категоријата која ја навел физичкото лице во приговорот. Надлежната институција е должна да го извести Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од три дена од денот на приемот на приговорите.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе ги извести подносителите на одобрените приговори во рок од десет дена од денот на поднесување на приговорот.

 

Како се врши исплатата на финансиската поддршка?

Финансиската поддршка се распределува преку банка во коjа физичкото лице има постоечка трансакциска сметка и која во рок од пет дена од денот на влегување во сила на овој закон потпишала договор со Владата на Република Северна Македонија.

По добивање на податоците од Листата на корисници на финансиска поддршка, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе изврши распределба на лицата корисници на финансиска поддршка по банки заради исплаќање на финансиската поддршка.

Корисниците на финансиска поддршка кои имаат трансакциска сметка само кај една банка ќе бидат распределени за добивање на финансиската поддршка во банката во која имаат трансакциска сметка.

Корисниците на финансиска поддршка кои имаат трансакциска сметка кај две или повеќе банки или имаат сметка кај банка која не потпишала договор, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ги распределува кај една од банките според принципот на фер рамномерна распределба, давајќи предност на распоредување на лица со трансакциските сметки на кои примаат пензија или користат право на социјална сигурност во банка.

Корисниците на финансиска поддршка кои немаат отворено трансакциска сметка кај ниту една банка, се распределуваат кај една од банките според принципот на фер рамномерна распределба, а во согласност со расположливите капацитети на секоја од банките.

Доколку корисникот на финансиска поддршка се смета за клиент - носител на јавна функција според важечките прописи што го регулираат спречувањето на перење пари и финансирање на тероризам, истиот е должен при склучување на договор да ја извести банката за таквата околност. Во спротивно, ќе се смета дека корисникот на финансиска поддршка не е носител на јавна функција.

Корисник на финансиска поддршка, со внесување на својот ЕМБГ на интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk,  проверува преку која банка ќе му биде распределена финансиската поддршка и висината на финансиската поддршка.

 

Како да се регистрираат правните лица во листата на даватели на македонски производи и услуги?

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон на интернет страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, објавува јавен повик за пријавување на правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листа на даватели на македонски производи и македонски услуги, според Листата на дејности утврдени со одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, согласно Националната класификација на дејности, односно Меѓународната категоризација на трговец по ИСО стандардизација (Merchant Category Code, скратено MCC).

Барањето за упис во Листата на даватели на македонски производи и македонски услуги се поднесува во рок од пет дена од денот на објавата на јавниот повик. Начинот  на постапување за пријавување на правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листата на даватели на македонски производи и услуги го утврдува Владата на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија ја утврдува Листата на даватели на македонски производи и услуги во рок пет дена од денот на истекот на рокот за пријавување на даватели на македонски производи и услуги.

Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ја објавува Листата на даватели на македонски производи и услуги на интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk.

 

Колку изнесува финансиската поддршка?

Финансиската поддршка е еднократен износ кој се исплатува на трансакциската сметка на лице корисник на финансиска поддршка преку банка избрана со јавен повик, и тоа:

-Граѓаните со низок доход-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Пензионерите-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Корисници на право на социјална сигурност на стари лица ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Младите лица-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Самохраните родители-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Деца без родители и родителска грижа-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Уметници-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице;
-Филмските работници-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице и
-Естрадните уметници-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 6.000 денари по лице.

 

Под кои услови, за купување на кои производи и услуги и до кога може да се искористи финансиската поддршка?

Примената финансиска поддршка корисниците на финансиска поддршка ја користат исклучиво за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност од Листата на даватели на македонски производи и услуги, резиденти на Република Северна Македонија, во периодот од денот на приемот на средствата на трансакциска сметка до 25.12.2020 година. Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност од Листата на даватели на македонски производи и услуги за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги.

Финансиската поддршка може да се користи за плаќање на македонски производи и услуги на ПОС терминал и виртуелен ПОС терминал на правно и физичко лице вршител на стопанска дејност од Листата на даватели на македонски производи и услуги.

Примената финансиска поддршка може да се користи со употреба на дебитна платежна картичка. Финансиската поддршка, не може да се користи за:

-подигнување на готовина од банкомати, од ПОС терминали или со налог за исплата на готовина на шалтерите на банките, конверзија во странска валута или како замена за готовина;
-плаќање на производи и услуги на физички и/или интернет (виртуелни) ПОС терминали, за подигнување на готовина на банкомати и други терминали, опслужувани од нерезиденти и/или резиденти, вршители на дејност надвор од територијата на Република Северна Македонија;
-плаќање за македонски производи и услуги кои не ги исполнуваат дефинициите дадени погоре и
-плаќање на правни и физички лица кои не го исполнуваат условот за вршење на дејност.

 

Доколку лицето-корисник на финансиската поддршка има блокирана трансакциска сметка, банката, на негово барање ќе му отвори посебна трансакциска сметка поврзана со времена дебитна платежна картичка на трошок на банката на која ќе ја прими финансиската поддршка и која ќе биде изземена од извршување по било која основа.

 

Што треба да обезбедат правните и физички лица вршители на дејност од листата даватели на македонски производи и услуги?

Правните и физички лица вршители на стопанска дејност од Листата на даватели на македонски производи и услуги, во објектите за трговија на мало должни се да обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата - корисници на финансиската поддршка од овој закон. Доколку во објектите за трговија на мало не постои можност за издвојување на македонските производи на посебно обележани рафтови, гондоли и сл., како и ако со издвојувањето се нарушува нивниот квалитет, целовитост, рок на употреба и сл., македонските производи должни се да ги означат со видна ознака/етикета/налепница ,,КУПУВАМ ДОМАШНО” заради нивно лесно препознавање.

За прометот на македонски производи и услуги, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници должни се на страницата посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер ,,КУПУВАМ ДОМАШНО” .

Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници, на интернет страницата за on-line продажба, должни се да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата, како и на страната за плаќање со која ги известуваат купувачите дека со дебитна платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги кои се означени со ознаката ,,КУПУВАМ ДОМАШНО”.

НАПОМЕНА: Примената финансиска поддршка, согласно одредбите од овој закон, не се оданочува со данок на личен  доход согласно со Законот за данокот на личен доход.

 

НАПОМЕНА: Лицата кои примиле финансиска поддршка согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на дебитна платежна картичка за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.137/20, 147/20, 151/20, 156/20, 157/20 и 169/20) не можат да користат финансиска поддршка согласно овој закон.

 

Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон врши Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи согласно нивните надлежности утврдени со закон.