Пробна работа

Колку може да трае пробната работа, и дали се исплаќа плата на работникот за времетраење на пробната работа?
 

ОДГОВОР:

 Според член 60 од Законот за работни односи (“Службен весник на РМ” 62/05…27/16), при склучување на договорот за вработување работникот и работодавачот можат да се договорат за пробна работа.

Во договорот за вработување покрај сите права и обврски од работен однос се утврдува висината на платата и времетраењето на пробната работа, кое не може да биде подолго од шест месеца. Пробната работа може да се продолжи во случај на оправдано отсуство од работа (болест и слично).

Пробна работа, работодавачот и работникот можат да договорат и за сезонска работа притоа за за вршење на сезонска работа, пробната работа може да трае најмногу до три работни дена.

Работодавачот може договорот за вработување со пробна работа за вршење на сезонска работа да го откаже во рок од три дена од денот на склучувањето на договорот за вработување со пробна работа.

Во времетраењето на пробната работа работникот може да го откаже договорот за вработување со отказен рок од три работни дена.

Врз основа на оцената за неуспешно завршената пробна работа работодавачот може по изминувањето на пробната работа да го откаже договорот за вработување.