УЈП: ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕ НА ИЗНОСОТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ПРИМЕНАТА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ И БАРАЊЕ ЗА ПРЕТВОРАЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ ВО ГРАНТ
1. Работодавачите кои го искористиле правото на финансиска поддршка за исплата на плати, согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април, мај, јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’ број 111/20…154/20) и/или согласно Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот covid – 19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’ број 267 /20), имаат обврска примените финансиски средства да ги вратат во Буџетот на Република Северна Македонија.
Највисокиот (кумулативен износ) за враќање е најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година, зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажани приходи во Даночниот биланс – за обврзниците на данок на добивка.
За обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, највисокиот (кумулативен износ) за враќање е најмногу до износот од 50% од финансиски резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година.
За враќање на износот на примената финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачите треба да поднесат, барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати и тоа:
- „образец ДД-ГДВП/БВФП-1“, за месеците април, мај и јуни 2020 година
- „образец ДД-ГДВП/БВФП-2” за месеците октомври, ноември и декември 2020 година
2. Работодавачите кои го искористиле правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вондредна состојба („Службен весник на РСМ“, број 92/2020 и 116/2020), должни се примените финансиски средства да ги вратат во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година, зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажани приходи од Даночниот биланс за обврзниците на данок на добивка.
За обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, износот за враќање е најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат од Билансот на успех (добивка пред оданочување) за 2020 година. За враќање на износот на примената субвенција за исплата на придонеси од задолжително осигурување, работодавачите треба да поднесат Барање за пресметување на износот за враќање на примената субвенција за исплата на придонеси од задолжително осигурување за месеците април, мај и јуни 2020 година „образец ДД-ГДВП/БВ-СПЗСО“ (образецот е објавен на веб страната на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/240 а наскоро ќе биде објавен и на системот е-Даноци)
Напомена: Барања од точките 1 и 2 имаат обврска да поднесат сите работодавачи- корисници на финансиска помош за плати и корисници на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување , без разлика на финансискиот резултат (добивка/загуба) за 2020 година.
Работодавачите- даночни обврзници кои се оданочуваат во режимот на данок на добивка (ДБ ) обрасците ги пополнуваат во делот А, додека работодавачите- даночни обврзници кои се оданочуваат во режимот на вкупен приход, обрасците ги пополнуваат во делот Б. Тие што имаат негативен финансиски резултат (загуба) за 2020 година, а се во режимот на вкупен приход на полето 1 под Б, го внесуваат износот од поле 251 од Билансот на успех за 2020 година со негативен предзнак (-).
За работодавачите- даночни обврзници кои имаат негативен финансиски резултат (загуба) за 2020 година, проверка на условот за неплатени даноци и придонеси ќе се прави по службена должност согласно податоците од последно објавената листа на должници. Доколку во меѓувреме се намирени даночните долгови и обврзникот нема неплатени долгови по основ на даноци и придонеси за истото треба да приложи Уверение за платени даноци и придонеси до надлежната Регионална дирекција на УЈП каде се администрира.
Работодавачите (кои водат непрофитно сметководство) и кои имаат обврска да доставуваат Годишна сметка до Централниот Регистар на РСМ, а се корисници на финансиска помош за плати и корисници на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување исто така имаат обврска да ги поднесат „образец ДД-ГДВП/БВФП-1“, „образец ДД-ГДВП/БВФП-2” и или образец ДД-ГДВП/БВ-СПЗСО“, со тоа што истите ги пополнуваат во делот Б.
3. Работодавачите – корисници на финансиска поддршка зa исплата на плати за месеците април, мај и јуни 2020 година кои ги исполниле условите дефинирани во Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од корновирусот COVID-19 заради исплата на платите за месеците април, мај и јуни 2020 година, треба да поднесат Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант „образец Б-ПФПГ“.
Прилозите кон Барањето, фактури за извршените набавки и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите (оргинал или заверени копии) се доставуваат до надлежната Регионална дирекција на УЈП каде се администрира обврзникот.
Работодавачите – правни лица посочените обрасци ги поднесуваат преку системот е-Даноци
Барањата се доставуваат најдоцна до рокот за поднесување на Даночниот биланс за 2020 година.